Советот на културно-научната манифестација „Пелагонски средби“ од Новаци, која годинава по 14-ти пат ќе се одржи во Новаци, одлучи, наградата „Повелба за животно дело“ да му припадне на македонскиот писател и публицист Петко Шипинкаровски.
Како што соопштуваат организаторите, наградата на Шипинкаровски му се доделува за неговиот севкупен придонес во развојот и афирмацијата на Културно научната манифестација „Пелагонски средби“, и за неговото романсиерско, поетско, научно и публицистичко остварување и афирмацијата на македонската литература и култура во Македонија и пошироко.
Шипинкаровски е автор на дваесеттина книги од различни жанрови; романи, поетски збирки, научи книги и друго, и главен и одговорен уредник е на ревијата за книжевност „Бранувања“, која се објавува во Струга. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонското научно друштво од Битола. Добитник е на наградите „Струшко изгрејсонце“ (2011) и „Прозни мајстори“ (2013) и на други награди и признанија. Организатор е на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“, а бил учесник и на повеќе меѓународни манифестации.
Досегашни добитници на високото признание „Повелба за животно дело“ на Културно-научната манифестација „Пелагонски средби“- Новаци, се: Владимир Костов, Никола Кочовски, Цане Здравковски, проф. Д-р Благоја Брајановски, Богоја Таневски, Ѓорѓи Котевски, Радован П. Цветковски, Панде Манојлов, Петре Димовски, Димитар Богдановски, Јован Ѓуровки и Ѓорѓи Лазаревски.