Наградата Македонска книжевна авангарда за Дејан Трајкоски

Од:

Авторот Дејан Трајкоски за романот „Неверство“ е добитник на наградата Македонска книжевна авангарда што ја доделува Фондацијатата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје.

Рецензентот на романот „Неверство“ Венко Андоновски, меѓу другото, пишува дека станува збор за исклучително елегантно напишан роман, којшто привлекува од првата реченица.

– Како што е општо познато уметничката вредност на едно дело не зависи од темата, туку од формата: од начинот на којшто е реализирана и врежана содржината во семиотичката супстанција. Овде, во овој роман, се среќаваме со автор кој одлично располага и господари со наративните техники поврзани со полифоничноста на романот. Сите наратори ја раскажуваат истата историја (погледната од нивен аспект), но тоа го прават со една жива, пластична, стилски нијансирана, разговорна реченица која според своите квалитети, а често и според устројството, наликува на „живите“ раскажувачки практики на еден Петре М. Андреевски или еден Живко Чинго, вели Андоновски.

Според него, целиот роман може да се смета за пресметка со цинизмот на историјата и исклучителна појава во нашата книжевност, затоа што не се задоволува со традицијата, но не ја ни отфрла: бара нова форма и веќе е зад прагот на нејзиното откривање.

Писателот Александар Прокопиев, пак, за романот Неверство подвлекува дека процесот на создавање книжевно дело, и покрај сите детални анализи отпосле, останува тајна на авторот.

– Така, и во градењето и богатењето на приказната за животната и љубовна судбина на својот главен јунак Соне, писателот Дејан Трајкоски ги пронаоѓал наративните лавиринти и тивките драмски можности, испишувајќи дело со навидум едноставна фабула, но и сложена, повеќеслојна композиција. Авторот на „Неверство“ очигледно добро ја познава психологијата на ликовите, можеби и преку искуството на филмот, па оттаму низа впечатливи портрети во романот. Од друга страна, Трајкоски е верен на своите книжевни корени – во поглед на јазичната умешност, сочните дијалози и впечатлива описност – Петре М. Андреевски и Живко Чинго се вистински „татковци“ на неговата проза. Со романот „Неверство“ писателот Дејан Трајкоски се востоличува како особено име во новата македонска книжевност, оценува Прокопиев.

Дејан Трајкоски е дипломиран професор по филозофија. Автор на романите „Вистина, љубов“ (Рашомонијада) и „Неверство“. Идеен автор и директор на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Од 2005 година работи како новинар во дневниот весник Вечер. Член е на Интернационалната федерација на филмски критичари Фипресци. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Досегашни добитници на наградата Македонска книжевна авангарда се Елена Пренџова и Марина Мијаковска.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска