Македонскиот поет Владимир Мартиновски е добитник на наградата „Лирата на Орфеј” на третото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Орфеј”, што се одржа во Пловдив од 24 до 26 септември годинава.
Ова престижно признание се доделува за најдобра песна прочитана на Фестивалот, а Мартиновски е награден за неговата песна „Обратен профил”, препеана на бугарски од страна на Роман Кисјов.
Покрај Мартиновски, во годинешното издание на фестивалот се наградени и Дарија Жилиќ од Хрватска со наградата „Орфеј”, Балаж Солоши од Унгарија со наградата „Лирата на Орфеј”, Рафаел Солер од Шпанија и Катја Стоилова од Бугарија со наградата „Евридика”, како и Хава Пинхас-Коен од Израел и Мел Кен од САД со наградата „По трагите на Орфеј”.
При приемот на наградата, Мартиновски изјави дека лирата на Орфеј е клучен симбол за нераскинливите врски меѓу поезијата и музиката.