Советот на Меѓународната поетска манифестација „Караманови средби на поезијата“ од триесетината автори од цел свет, кои ќе бидат застапени во антологијата на овие средби, одлучи Светската награда за поезија да и ја додели на еминентната италијанска поетеса Клаудија Пичино, а наградата „Караманов“ за поезија од македонски автори на поетот Христо Петрески.
За Клаудија Пичино селекторот, еминетниот македонски поет Борче Панов, запишал дека нејзината поезија е сублимат на една човечка димензија во која радоста и тагата, мирот и немирот се како интерференција на звучната виљушка на двесет и првиот век во кој сѐ повеќе го губиме човекот и тонеме во глувоста на отуѓувањето во сите правци на падот на една планетарна цивилизација.
-Поезијата на Клаудија Пичино не се плаши да нѐ соочи со нашите стравови, напротив таа нѐ повикува да ги прифатиме и надминеме нашите промашувања, да застанеме зад штитот на нашата чистота како хумани битија, да си ја вратиме смелоста, повторно да го почувствуваме вкусот на адреналинот, да бидеме живи, дури и со храброста на гневот и како такви да го поврземе лакот на нашето човекување со вознесот на нашата суштина на небото,нагласува селекторот во образложението за наградата за Пичино.
Во образложението за наградите се вели дека ракописот „Пергамент“ од Христо Петрески прави еден возбудлив мост што се извива од пракарпите на старото семе при што не се знае точно кој нè засеал и засадил, или пресадил, но тој точно го утврдува растежот и родот низ вековите и токму во зборот на нашите поетски великани Блаже Конески, Анте Поповски и Гане Тодоровски ја наоѓа поткрепата дека ќе раснеме и преку небиднината.
Дел од творештво на овие двајца емиенентни поети ќе биде застапено во Зборникот на 48 „Караманови средби на поезијата“ кои оваа година бележат 54 години од своето постоење
„Караманови средби“ ќе се одржат по 54 пат во периодот од 16 до 19 идниот месец. Покрај другите програмски содржини ќе бидат објавени книгите на годинашните добитници на наградата, Зборник на средбите во кои ќе бидат застапени песни од дваесетина македонски автори и триесетина поети од странство, како и книга со поезија од деца.
Лани наградата ја добија виетнамски поет Мај Ван Фан и еминентниот арапски поет Раед Анис Ал-Јиши од Саудиска Арабија.