Краткометражниот документарен филм „(Вон)земјанинот Ли“, на Сашко Мицевски ја доби наградата за најдобра монтажа на документарен филм на фестивалот Delhi Shorts International Film Festival во Индија.
Филмот е дипломска работа на Сашко Мицевски кој е режисер и монтажер на филмот, директор на фотографија е Наум Доксевски, а извршен продуцент е Илија Циривири.
Филмот е во продукција на Факултетот на Драмски уметности во Скопје, а во реализацијата помогна и Квазар Филм продукција.
„(Вон)земјанинот Ли“ е краткометражен документарен филм за Мики Ли Трајчевски кој е жител на Штип, познат кај народот како најобразованиот бездомник. Живее мирен пасторален живот, шетајќи низ природните убавини под Исарот. Штипјани го знаат и како Вонземјанинот Ли поради неговата способност за поврзување со Третиот вид. Филмот ги документира навиките на овој необичен човек, ослободен од незначајноста на материјалните нешта.
Филмот беше премиерно прикажан во декември, 2013 година во киното Фросина. Ова е прва награда на филмот кој досега е прикажан на повеќе интернационални фестивали. Во декември ќе има проекција на Imphal Shorts International фестивал, исто така во Индија.
Сашко Потер Мицевски е дипломиран монтажер на катедра за Филмска и ТВ монтажа на Факултетот за Драмски уметности во класата на проф. Димитар Грбевски и Лазар Секуловски, а од јануари почнува со студии на National Film and Television School во Англија на катедра за дизајн на звук за филм и ТВ. Моментално работи на новиот документарен филм со работен наслов „Сите ќе умреме“.