Над сто настани на „Берово – град на културата“, интензивни зафати во „Св. Архангел Михаил“

Од:

Повеќе од сто настани ќе бидат организирани во Берово од средината на март до крајот на годинава во рамки на манифестацијата „Берово – град на културата“ во 2017. Берово ја презеде титулата од Дојран, а денеска по овој повод општината ја посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

За манифестацијата се обезбедени два милиони денари од буџетот на Министерството за култура, а програмата ќе опфати разновидни настани – претстави, концерти, фолклорни изведби, изложби и литературни промоции, гостувања на театри и ансамбли од Македонија и од регионот со кои општината има добра соработка, настапи на солисти од Македонската опера и балет, Софиската опера, а на централната улица покрај староградската архитектура ќе творат креативци на отворено…

Министерката очекува дека културната понуда на манифестацијата ќе придонесе во зголемување на бројот на посетители и туристи во градот.

– Берово е град со длабока традиција кој многу е посветен на нејзиното негување, на обичаите и старите занаети и на сето она што е карактеристично за градот. Берово го доби епитетот Град на културата за 2017 и тоа го заслужува. Туризмот овде го има во текот на целата година. Се надевам дека со доделувањето на Град на културата ќе придонесеме за унапредување на локалниот културен развој, затоа што оваа манифестација е бенефит токму за локалниот развој и за зголемување на туристичкиот потенцијал, изјави Канческа-Милевска.

Посочи дека општината, во која нема национална установа од културата, Министерството за култура секоја година обезбедува поддршка и за други настани, како „Културно лето и културна зима“, настани од „Топол културен бран“, а во градот беше отворена и сувенирница.

Канческа-Милевска денеска го посети и манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“, кој е споменик на културата. Во манастирот е црквата од 1818 година, на чие осветување пред 200 години присуствувал просветителот Јоаким Крчовски. Манастирот е единствен во Македонија кој има галерија и работилница за мозаици кои ги изработуваат монахињите.

Минатата година Националниот конзерваторски центар интензивно работеше на реставрација и конзервација на манастирскиот конак и на црквата, кои добија нов покрив. Во следната, втора фаза, ќе се изврши препокривање на Владичкиот конак, на Галеријата на мозаици и на камбанаријата.

– Во првата фаза е извршено целосно препокривање и зајакнување на конакот и на црквата, што беше акутно и многу значајно. Првата фаза е завршена, препокривањето е направено со најсовремени техники, вратени се ќерамидите, а се со цел да се заштити овој споменик на културата. Минатата година беа издвоени 4 милиони денари за првата фаза, а до крајот на годинава ќе заврши и втората фаза во која ќе се работи на зајакнување на столбовите на црквата и зачувување на ентериерот и декоративните елементи во црквата и во конаците. Очекуваме втората, завршна фаза да биде до крајот на годинава, со што манастирскиот комплекс и црквата од втората деценија на 19 век ќе си го врати својот сјај. Ова е симбол на градот и е значаен и за Берово и за посетителите што доаѓаат тука, истакна министерката за култура.

Градоначалникот Драги Наџински се заблагодари што комисијата во Министерството за култура го избрала Берово оваа година да биде 14-ти Град на културата.

– Верувам дека ова што го добивме како општина е заслужено и дека тоа ќе биде и наша голема обврска за уште поуспешно да бидат реализирани проектите од културата и уметноста во текот на целата година. Верувам и дека настаните ќе го зголемат бројот на туристи и гости и со тоа ќе го поттикнеме економскиот напредок во нашата општина, рече Наџински.

Би можело да ве интересира

Водата од беровскиот водовод не е за пиење

А1он

Во незгода тешко повредена жена во Берово

Земјотрес во Берово и околината

Во својот дом е нападната 40-годишна жена од Берово

Пронашле граната, ја однеле во полициска станица во Берово

Локализиран e пожарот во туристичката населба Абланица во Берово