Над 300 изведувачи на народни инструменти и песни од цела Македонија и гости од странство ќе учествуваат на годинашниов 41. Фестивал на народни инструменти „Пеце Атанасовски“ што ќе се одржи на 3 и 4 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени.
Собранието на фестивалот денеска на состанок во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ ја детализираше годинашната програма која ќе го врати и традиционалното дефиле на учесниците во центарот на Прилеп.
Според претседателот на Собранието, професор д-р Илчо Јованов фестивалот ќе донесе богата програма.
– На трети јули почетокот ќе го означи дефилето на учесниците во центарот на Прилеп. Ќе се разлеат народните инструменти и песни. Дел од нив ќе настапат на првата вечер на камената бина на плоштадот „Александрија“. Втората фестивалска вечер е на 4 јули, в сабота на Рудина кај Долнени. Освен тоа, и годинава од 30 јуни до 3 јули ќе се одржи семинарот за изучување на народни инструменти и песни, а најавени се учесници од Русија, Грција, Бугарија и од Србија. Фестивалот преку четири децении ги негува изворните фолклорни традиции во Македонија, ги зачувува и го претставува фолклорното богатство во светот, изјави за МИА Јованов.
Уметничкиот директор, професор д-р Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ вели дека селекцијата се заокружува и од преку 500 пријавени, тешко е да се одберат половината од учесниците.
– Има и многу млади кои ја продолжуваат богатата изворна традиција и тоа многу радува. Ги посетивме повеќето места во цела Македонија и секаде има извонредни пејачи и изведувачи на народни инструменти- на гајда, зурла, тамбура, тапан, кемане, вели Величковска.
Дел од програмата е традиционалната трибина за тековите на изворното творештво, годинава посветена на Фестивалот „Пеце Атанасовски“ и неговата улога во зачувувањето и афирмацијата на изворното богатство во Македонија и во светот. Ќе биде промовирана и документарната емисија „Непресушен извор“ посветена на 40-то јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.