На Големата сцена на Велешкиот театар вечерва со почеток во 20 часот ќе биде изведена танцовата претстава „Д.О.Л“ на Скопје танцов театар во кореографија на Адријана Данчевска.
Како што појасни за МИА,Рисима Рисимкин раководител на Танцфест, станува збор за танцова претстава, која го појаснува начинот на кој луѓето се однесуваат, според неа-луѓето се однесуваат помалку како кукли.
Во претставата учествуваат и постарите и помладите танчери на Скопје танцов театар.
По Скопје и вечерва во Велес претставата е поканета да гостува во театарот во Париз.
Синоќа на отворањето на „Танцфест 2018“ во Велес на Малата сцена на театарот премиерно беше изведена танцовата претставата „Егзистирање“ на Скопје танцов театар.
Претставата беше од три дела: „What happened to …self?“ во кореографија на Јакуб Муњко, „Без стоп“ во кореографија и режија на Матеја Киселички и “Егзистирање“ во кореографија на Рисима Рисимкин.
Младиот кореограф Јакуб Муњко во разговорот за МИА појаснува дека сите три кореграфии се вртеа околу темата егзистирање.
-Во денешното општество секој сака да е посебен барем јас тоа го чувствувам, но во ситуација кога сите сакаме да сме посебни се запрашувам дали таа оригиналност дека сме посебни навистина функционира и дали има место и причина за тоа да сме оригинални, ако од секој од нас очекува од нас да сме такви или вакви во одредени ситуации. Се запрашувам дали навистина имаме простор и место, време, јас да сум како личност Јакуб Муњко или да сум дел од општеството. Дали една жена може да е личност или треба да е мајка, жена, љубовница. Секој од нас има многу улоги што треба да ги пополниме ама дали треба да е така, тоа е главното прашање во мојата приказна, појасни Муњко.
На прашањето како дошол тука во Македонија рече дека дошол пред шест години, најпрво студирил на Скопје танцовата академија и по завршувањето да работи во Скопје танцов театар.
-Веќе шест години сум тука и се’ што сакам да направам сум направил, никој не ме сопира, напротив туку ми е дадено се’ и сите можности ми се остваруваат и како танчер и како кореограф. Мислам дека тоа што го отсликува Скопје танцов театар, тука акцентот е ставен на млади луѓе. Ние како млади тука имаме можност да се изразиме самите себе и се што сакaме да пробаме на сцена. Имаме одлични можности да се изразиме себеси како млад уметник-кореограф и танчер што е многу важно за нас. На тој пат ја имеме и одличната соработка и подршка од Рисима, потенцира Муњко.