На седмото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимиран филм Анимакс Скопје Фест ќе биде прикажан 51 анимиран филм во официјалната програма, од кои 10 се наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од 21 до 24 декември под мотото „Исцеди уметност“ во Кинотека на Македонија.
Во четирите фестивалски денови на Анимакс Скопје Фест ќе бидат прикажани 41 краткометражни филмови и 10 филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените рекордни 3.156 анимации од 88 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.
„Кога се сака, сè се може, па така и седмото издание на Анимакс Скопје Фест се случува со исцедена, концентрирана уметност. Од 3.156 анимации исцедени се 41 филм за возрасни, 10 филмови за деца и неколку работилници. Сето ова се служи во Кинотека на Македонија од 21 до 24 декември.“, вели директорот на фестивалот Кузман Кузмановски.
Голем дел од филмовите кои се борат за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
Оваа година жири комисијата која ќе одлучува за најдобрите анимирани филмови ја сочинуваат руската аниматорка Наталија Березоваја, српскиот интернет треш аниматор Данило Дабиќ (Звогањ) и Соња Јаќоска Самарџиева, уредник на играно-документарна програма во Македонска телевизија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20.00 часот. Билетите за проекциите во 20.00 часот чинат 50.00 денари. Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на 23 и 24 декекври (сабота и недела) со почеток во 12.00 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере попедбикот. Проекциите за деца се бесплатни.
.
Оваа година посебно ќе се обрне внимание на работилниците за деца.
Во рамки на фестивалот ќе бидат организирани две работилници за деца. Ментор на првата работилница е Хрвоје Селец, директор на хрватскиот фестивал за анимирани филмови за деца ВАФИ од Вараждин.
Работилницата за стоп анимација за деца со руската аниматорка Наталија Березоваја ќе се одржи на 23 декември во 14.00 часот во Кинотека на Македонија.
Анимакс Скопје Фест е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.
Анимакс Скопје Фест е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.