Еден од промоторите Даница Ивановска Лепоевиќ минатогодишен добитник на оваа награда, востановена пред три години, појасни дека во стиховите на Митко Апостолов самиот aвтор е често место на средби.
– Местото каде се одигруваат имагинарни средби и реални средби протнати низ имагинарното. Каде се среќаваат вселената и објектот на неговата љубов. Некогаш не е јасно дали поетот ја сретнал својата љубов, дали разговара со неа или со импринтот на нејзината сенка од некоја мината средба. Дали се надева на нова или го прегрнува сеќавањето на контакт од едно друго време и друго место. Затоа што и самиот тој се дефинира себеси низ поинаква просторно-временска матрица од постоечката, потенцира Ивановска.
Вториот промотор, Гордана Војнеска уредник во ИК „Култура“ која веќе трета година ја печати наградената стихозбирка, појасни дека од сите 13 во конкуренција за наградата оваа уште на почетокот поради насловот и го свртела вниманието и прва ја прочитала.
– Ме радува што во земјава кај младите се враќа интересот за поезија. Некои сметаа дека драмата е прва книжевна форма, но јас сметам дека кај луѓето прво се јавува она поетското и ние како деца си врзуваме некои стихови и како што зрееме тие стихови ги ослободуваме. Мене ми е драго што ја издадовме дебитантската поезија на Митко и фасцинирани сме од неа и се надевам дека тој и понатаму ќе продолжи да пишува поезија и ние ќе ги објавиме и останатите негови стихозбирки, најави Војнеска.
Авторот Митко Апостолов изјави дека оваа награди му значи многу и дека ќе биде поттик и понатаму да пишува поезија.
– Многу сум среќен што ја примив оваа награда. Таа е темел на кој ќе ги поставам моите идни творби, потенцира Апостолов.
Триесетгодишниот Митко Апостолов родум е од тетовско Теарце, живее во Скопје, завршил Машински факултет и работи како машински инжинер. Појаснува дека поезија почнал да пишува пред десет години. Таа за него е лична потреба како автор да го изрази тоа што го чувствува.