На денешен ден, на 6 ноември 1944 година во Битола е формиран најстариот македонски хор кој борците на Седмата македонска ударна бригада – Битолска, го именуваа според нивниот соборец, народниот херој Стив Наумов.
Мешаниот аматерски хор „Стив Наумов“ почна со работа само два дена по ослободувањето на Битола, со првата музичка програма на градскиот плоштад во која македонски песни и хорски композиции под диригентство на Тодор Скаловски, прв диригент на хорот.
Според архивата на КУД „Стив Наумов“, веднаш по формирањето на друштвото, битолчани забрзано се зачленувале во мешаниот хор, но и во другите секции во тоа време, односно играорната секција, рецитаторска и дувачки оркестар. КУД „Стив Наумов“ својот максимум го достигнува во 1964 година кога во хорската секција членуваат 120 хористи, 32 членови имал блех-оркестарот, народниот оркестар работел со 18 лица, забавниот оркестар имал 16, хармоникашкиот оркестар 30, мандолинскиот оркестар 36, а функцинирале и музички групи на младинци и пионери.
Денешната генерација на КУД „Стив Наумов“ со посебно внимание и почит ја негува традицијата почната пред 81 година и под водство на Владимир Христовски, претседател на управниот одбор, посветено и секојдневно се одржува работата на друштвото.
Годинава КУД „Стив Наумов“ со мешаниот хор под диригентство на Лилјана Трајковска-Димевски освои три златни медал на меѓународен натпревар на хоровите што се одржа во Бјелина, а учествуваа и на фестивалот на класична музика „Интерфест“. Наскоро витрините на КУД „Стив Наумов“ во Битола ќе бидат збогатени со нова монографија на друштвото.
