Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2014“ вечер продолжува со две монодрамски остварувања на актери од Белорусија и Косово кои рамноправно конкурираат за највисокото фестивалско признание, наградата Гран при.
Во 18 часот на сцената во НУ Центар за култура ќе настапи актерката Елена Дудич од Могилев Театар-Белорусија која ќе ја изведе монодрамата „Пјаф“ во режија на Андреј Гузиј. Во вечерниот термин од 22 часот ќе настапи Ментор Зумберај, актер на театарската филмска куќа Акт од Косово и ќе ја одигра монодрамата „Амок“ во режија на Нура Елмазе.
Викендов на сцените во битолскиот центар на култура ќе бидат прикажани и пет други монодрамски претстави во конкуренција.
Утревечер ќе настапат Среќко Марчета од Босна и Херцеговина, Јорданка Стефанова од Бугарија и Нина Салинен од САД, додека в недела љубителите на монодрамата ќе ги погледнат монодрамите на Кристиан Нислмилер од Театар Фабрика-Австрија и Никола Василевиќ од Црна Гора со монодрамата „Кралот на измамата“ во која е актер и режисер.
Шеснаесетото издание на Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2014“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на локалната самоуправа.