Во едицијата „Магични приказни“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, излезе од печат книгата за деца „Мочурливци“ од современата словенечка писателка Барбара Симонити. Книгата е во издание на Издавачки центар ТРИ, а преводот на македонски го направи Дарко Спасов.
Авторката со оваа своја богато илустрирана книга носи свежина во словенечката литература, внесувајќи една нова, иновативна тема. Таа ни ја раскажува прекрасната приказна за зелената Мочурлива Пониква. Оваа Пониква има свои жители: дождовници, жаби, тритони, гуштери, стоногалки – еден цел уникатен, весел и радосен свет. Тие живеат во мала хармонична заедница во која имаат свој ред и поредок, идиличен живот и соживот, вообичаено секојдневје. Но еден ден нивното спокојство е нарушено од многу чуден настан – исчезнува Мочуриштето со добрејка.
Барбара Симонити е реномирана словенечка поетеса, писателка и преведувачка, авторка на многу книги за деца и сликовници. Била привлечена од магијата на јазикот уште од најмала возраст, па својата прва бајка ја напишала на седум години. Од 1995 година е слободна писателка. Членка е на Друштвото на словенечките писатели, на Друштвото на словенечките книжевни преведувачи и на Словенечкиот ПЕН-центар. Во своите дела Барбара Симонити секогаш го промовира раскажувањето приказни како извор на човештвото.