Во Македонската опера и балет вечер премиерно ќе биде изведена „Така прават сите“, една од најиграните опери на Волфганг А. Моцарт, која во продукција на МОБ не е поставена од 1972 година.
Режисер на операта во два чина е Цветан Стојановски, а диригент Саша Николовски-Ѓумар. Операта завчера премиерно беше изведена во Битола, на отворањето на 23. Фестивал на класична музика „Интерфест“, а на 7 октомври ќе биде изведена и во Тетово.
Оперскиот првенец Цветан Стојановски, овојпат како режисер, на прес-конференција рече дека Моцарт ја напишал операта една година пред крајот на животот, заедно со либретистот Лоренцо да Понте.
– Еден исклучително моќен тим кој направил нешто што останува свежо до ден-денес… Проектот обилува со она што го замислиле Моцарт и Да Понте – нешто што како тема никогш не завршува. Така прават сите – љубов и прељуба, рече Стојановски.
Покрај реномираните солисти Благица Поп Томова, Владимир Саздовски и Катерина Стојановска, во претставата учествуваат се уште неетаблирани македонски оперски пејачи. Според уметничкиот директор на МОБ Ѓорѓи Цуцковски, идејата е да се помогне афирмирањето на млади и потенцијални оперски таленти.
Сценограф на претставата е Зоран Николовски, костимограф Марта Трендафилова, а кореограф Олга Панго.
Постановката е дел од активностите по повод 20 години дипломатски односи меѓу Македонија и Австрија, кои МОБ пред две недели ги одбележа и со балетот „14 часа“ во Виена.