Ученичките Александра Исајловска и Матеа Шутарова од ООУ „Лазо Трповски“ во општина Карпош, со есеи на тема „Да создаваме подобра иднина преку образованието“, добија престижна награда, во конкуренција од 12.937 учесници од 153 земји на Меѓународниот литературен натпревар за млади што се одржа во јапонскиот главен град Токио.
Поетското натпреварување во организација на УНЕСКО и фондацијата „ГОИ“ од Токио се одржа по повод одбележување 71 година од основањето на УНЕСКО. Покровител на оваа културна „традиција“ е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.
ООУ „Лазо Трповски“ е добитник на специјална награда за поттик. Основците беа координирани од тројцата наставници-ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик, Соња Јовановска, предметен наставник по македонски јазик и Лилјана Симоновска, предметен наставник по англиски јазик.
Личната творба не смее да содржи повеќе од 700 зборови и беше напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето, германски или англиски јазик. Наградата на ООУ „Лазо Трповски“, како што известија од општина Карпош, ќе му ја врачи конзулот на Јапонија во Македонија, Казу Лешниковска.