Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола почна да го реализира проектот „Млади поетски перформанси“, наменет за млади автори на поетски творби од пелагонискиот регион.
Фатма Бајрам Азмовска, вработена во Битолската универзитетска библиотека информира дека со проектот опфатени се ученици од петто до деветто одделение од основните училишта, ученици од средните училишта и млади на возраст од 18 до 24 години.
– Целта на проектот е да ги поттикнеме и мотивираме младите литературни творци да пишуваат, да го промовираат и афирмираат своето креативно творештво за прв пат да се објави, со што ќе им се даде можност да се претстават пред пошироката јавност. Во поттекст на проектот е заложбата за силна и директна стимулација на творештвото на младите автори од нашата земја, посочи Бајрам Азмовска.
Во рамки на проектот објавен е конкурс за доставување поетски творби, а најдобрите и најквалитетните творби ќе бидат објавени во заедничката збирка на поезија.
– Во рамки на проектот ќе се одржат работилници на повеќе теми „Модерни текови и трендови во современата поезија“, „Предавање од областа на поезијата, посочување теми“, „Пишување на песна и интерпретација на напишаната песна“,„Електронските алатки и можноста за промоција на поетското творештво на младите поети“, „Од развивање на идеја – дело до промоција на дело“, потврди Бајрам Азмовска.
Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија.