Под мотото „Театар на црвена линија“ од 19 до 26 септември ќе се одржи 38. Меѓународен театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ). Во осум фестивалски вечери публиката ќе може да погледне 15 претстави, а ќе гостуваат театри од Македонија, Белгија, Италија, Турција, Србија, Бугарија, Словенија и Хрватска.
Претставата „Тоа што телото не го памети“ во режија и кореографија на Вим Вандекејбус ќе го отвори фестивалот. Дел од програмата се и претставите „Ноќна пеперутка“ на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, „Прст“, копродукција на Хартефакт и Битеф театар, најдолагата претстава -„Галеб“ на Српско народно позориште, „Жолта линија“ на Загребачко казалиште младих… Дел од фестивалот се и две премиерни претстави „Носталгиумот на еден перфориран копиљ“ (Пу за мене, пу за сите) во режија на Јане Спасиќ на Младинскиот културен центар и „Малечката“ на Театарот од Истанбул.
Ќе настапат и Народниот театар од Битола, Театарот од Куманово, Независниот алтернативен театар „Вондерленд“, студенти од ФДУ, од Скопје танцова академија и академијата ЕСРА.
Дел од МОТ се работилница за драмско пишување под водство на проф. Жанина Мирчевска, работилница за танц што ја води проф. Рисима Рисимкин, промоција на книгата „Седум драми од БиХ“, чиј приредувач и преведувач е Лилјана Мазова.
Програмата е збогатена и со одбележување на 40-годишниот јубилеј на актерот Бајруш Мјаку со претставата „Народен непријател“ во режија на Дино Мустафиќ.
– Сметаме дека оваа манифестација е значајна за Скопје и ов иднина ќе продолжиме да ја поддржуваме. Годинава за реализација на фестивалот МОТ, Град Скопје одвои 1,5 милиони денари, рече на денешната прес-конференција скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Тој потсети дека со средства на Град Скопје е променет подот во киното „Фросина“, во денсинг салата на МКЦ, комплетно е реновирано и доопремено џебното кино во МКЦ, а во него е поставено ново гледалиште со капацитет од 80 седишта.
Директорот на Младинскиот културен центар Златко Стевковски рече дека фестивалот е крик против сеопштиот кич, шунд, ниски вредности, алчниост.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура со 4,5 милиони денари. Претставите ќе се играат на сцените на Младинскиот културен центар, Македонската опера и балет и Македонскиот народен театар.