Министрите за култура и образование му се заблагодарија на проф. Михајловски за преводот на Шекспир

Од:

Министрите за култура и за образование и наука Елизабета Канческа-Милевска и Спиро Ристовски денеска во Министерството за култура го примија проф. Драги Михајловски за лично да му се заблагодарат за неговиот превод на сите 37 драми и 154 сонети на светскиот драматург Вилијам Шекспир,  кои првпат се објавени интегрално во една книга на македонски јазик.

Обемното издание од 1650 страници беше промовирано неодамна во Друштвото на писателите на Македонија, а за него преведувачот и професор од Катедрата за англиски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ја доби и годинашната награда за превод „Григор Прличев“.

Михајловски ги преведува делата на Шекспир 35 години, некои од нив се веќе објавувани во посебни изданија, а некои, главно  историските драми, првпат се преведени на македонски јазик во оваа книга што ја објави издавачката куќа „Каприкорнус“. Покрај преводот на целокупното творештво на Шекспир, книгата содржи и предговор во кој Михајловски пишува за творечките особености на Шекспир, како и посебни  текстови за секоја драма и прилог за сонетите.

Министерката Канческа-Милевска му се заблагодари на Михајловски за преведувачкиот подвиг, за кој писателот Венко Андоновски на промоцијата пред две недели рече дека е културен настан рамен на преводот на Светото писмо. Таа истакна  дека двете министерства ќе помогнат финансиски книгата, која сега е објавена во 50 примероци, да биде отпечатена во поголем тираж и да се дистрибуира до библиотеките и училиштата за Шекспировите дела да станат подостапни. Шест дела од Шекспир ќе бидат објавени и во тековниот проект на Министерството за култура „Ѕвезди на светската книжевност“.

– Ќе останете запаметен по способноста за преведување и на едно место да го соберете целокупното творештво на светскиот драматург Вилијам Шекспир. Дадовте исклучителен придонес во македонската литература, култура и образование, рече Канческа-Милевска и апелираше до младите да ги читаат делата од светскиот и најизведуван драмски автор.

Министерот Ристовски додаде дека како две ресорни министерства ќе продолжат да поддржуваат вакви капитални проекти зашто се исклучително значајни за развој на образовниот систем во Македонија.

 – Суштината на овој капитален проект не е само корицата и хартијата што е пред нас, туку содржината која по толку долг период првпат станува достапна до македонските студенти и за македонската јавност. Како министер за образование и наука сакам да искажам лична благодарност до професорот зашто ова е најдобар приказ за креативноста на еден професор во образовниот систем, истакна Ристовски.

Проф. Михајловски им се заблагодари за укажаната чест и за поканата за средба.  – Јас направив тоа што можев да го направам и придонесов колку што можам. И понатаму ќе придонесувам во мојата работа на факултет со студентите по превод и воопшто во проектите што ги прави нашето министерство, изјави Драги Михајловски.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска