Република Македонија настојува да реализира активна соработка со другите држави членки на УНЕСКО, базирана на демократските принципи за кои се залага Организацијата. Човековите права и слободи се императив за креирање и развој на актуелните политики и практики во нашата земја, рече денеска министерот Роберт Алаѓозовски во својот говор на главната пленарна дебата на 39-тото заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз.
Како што соопшти Министерството за култура, Алаѓозовски истакнал дека во процедура е отворањето трета катедра на УНЕСКО на Факултетот за музичка уметност во Скопје за управување со авторските права во музиката и креативните индустрии во дигиталната околина, покрај двете катедри на УНЕСКО отворени на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и на Високата школа за медиуми. Го спомнал и вклучувањето во долгорочната програма „Човекот и биосферата“ и соработката со Албанија.
– Успешно го реализиравме прогласувањето од страна на УНЕСКО на Охрид-Преспа како прекуграничен биосферен резерват… Од особена важност е дека досега впишавме три елементи на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, а оваа година се надеваме дека ќе ги впишеме и мултинационалните апликации за: „Културните практики поврзани со 1 март – Мартинките“ на Бугарија, Романија, Молдавија и на Македонија и „Хидрелез“ на Турција и на Македонија. Нашата држава, со прогласувањето на градот Битола за креативен град во областа на филмот, се вклучи во УНЕСКО-вата мрежа на креативни градови, истакнал министерот за култура.
Посочил и дека Акциската рамка на УНЕСКО – „Образование 2030“ поставува пред нас нови искушенија и предизвици за масовно и квалитетно образование со што би се обезбедиле еднакви можности за образование за сите на глобално, регионално и на национално ниво и дека меѓу нашите заложби е и поголема интеграција на образованието со културата.
Министерот вчера имал средба со генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова на која, како што соопштува Министерството за култура, ја изразил посветеноста на Република Македонија да ги спроведе препораките на Реактивната мисија и одлуката на Комитетот од Краков за Охрид.