Со настапот на една од најдобрите светски виолинистки на денешницата Мидори Гото во Домот на АРМ, Македонската филхармонија вечер ја отвора новата концертната сезона.
Како што информираат од Македонската филхармонија, Мидори Гото прв пат гостува во Македонија, под палка на маестро Емил Табаков од Бугарија, а ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар во Д-дур оп.35 од Оскаровецот Ерих Корнголд. Ова е едно од најпознатите дела на австриско-американскиот композитор Корнголд, кое го посветил на Алма Малер, сопруга на неговиот ментор Густав Малер.
Ќе биде изведено и комплексното симфониско дело „Животот на херојот“ оп.40 од германскиот композитор Рихард Штраус. Првата виолина на концертот и е доделена на Ана Кондратенко, концерт- мајстор во оркестарот на Македонската филхармонија.
По завршување на концертот, Мидори Гото ќе ги потпишува своите цедиња, меѓу кои и најновото „The art of MIDORI“.
Критика за американската виолинистка од Јапонија, Мидори Гото (1971), ќе каже дека таа е една од највиртуозните уметници на новата генерација класични уметници. Меѓу светските музички кругови е позната како фасцинантен изведувач, но и како талентиран едукатор и иновативен артист.
Емил Табаков од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори, на неговиот репертоар се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, роматичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестари на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега има реализирано повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата Личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100- те најдобри професионалци за 2012 година.