Македонски поет Раде Силјан е добитник на меѓународната награда „Самовилско коњче“, што ја доделува бугарскиот сајт за уметност и култура „Артновини“ од Софија.
Признанието му е доделено за придонесот во зближувањето на македонско-бугарските културни врски во изминативе две децении и поетската книга „Зло време“. Книгата неодамна излезе од печат во издание на издавачката куќа „Богианна“ од Софија, во превод од македонски на бугарски јазик на писателот Владимир Луков.
На свеченоста, што се одржа во Бугарската телеграфска агенција признанието на Раде Силјан му го врачи бугарскиот скулптор Ивајло Савов, кој е и автор на статуетката што го симболизира Самовилското конче.