Професорот по пијано Глигор Гелебешев го организира Меѓународниот натпревар за млади пијанисти кој под покровителство на општина Гевгелија ќе се одржи наредниве неколку дена со настап на околу 150 учесници од Србија, Бугарија, Косово и Македонија.
Натпреварот го отвори градоначалникот Иван Франгов кој истакна дека годинава Гевгелија е домаќин по седми пат на настанот кој веќе стана уште едно од многубројните културни обележја на градот преку кој учесниците стекнуваат трајни пријателства со вистински вредности.
Професорот Гелебешев пак во своето обраќање нагласи дека деновиве Гевгелија ќе биде центар на многу млади музички надежи кои ќе покажат колку навлегле во тајните на интерпретирање на дела од големите музички имиња.
Настапите на младите пијанисти ќе ги оценува жири комисија во чиј состав ќе бидат Милка Шперовиќ-Рибарски од Македонија, Драгомир Братиќ од Србија и Маја Кастратовиќ од Словенија.