По повод одбележувањето на 30 години од осамостојувањето на Северна Македонија, од денес до 26 август ќе се реализира културна манифестација именувана како „Филмска култура“.
Домаќини на овој настан, кој се реализира со поддршка од Владата, ќе бидат Тетово од 20 до 22 август, Битола од 20 до 22 август и Скопје на 22, 25, 26 август, во чии рамки ќе биде прикажана селекција од краткометражни, документарни и играни филмови од македонска продукција.
Ќе се одржи и свечена академија на тема „Македонскиот игран филм во следната декада“ каде акцентот ќе биде ставен на интеркултурната димензија и универзалниот јазик на филмската уметност.
Како дополнителна програма планирано е да се одржат и три концерти насловени „Филмот може да се слуша“, во чии рамки ќе биде интерпретирана филмска музика.
Посетителите ќе можат да ги проследат настаните во Центарот за култура во Тетово, Центарот за култура во Битола и во Кинотека на Северна Македонија – Летно Кино „Мирно лето“ во Скопје.