Манифестација „Балкански поетски Вавилон“ во ДПМ

Од:

Друштвото на писателите на Македонија, во пресрет на одбележувањето на 70-годишнината од своето формирање денеска ја почна манифестацијата „Балкански поетски Вавилон“.

На првото издание на манифестацијата настапија околу 30 поети, членови на Македонската писателска асоцијација, а се читаа и стихови на десет истакнати поети од Балканот, добитници на наградата „Книжевно жезло“, кое за творечки опус ја доделува ДПМ.

Од домот на македонските писатели беше испратена поетска порака дека различните јазици на кои пишуваат авторите се слеваат во универзалниот јазик на поезијата, со кој се надминуваат сите бариери на патот кон разбирањето, толеранцијата, соработката, меѓусебното запознавање и зближување.

Поетската порака ја испрати проф. д-р Кристина Николовска која најави стихување на повеќе јазици на Балканот: македонски, албански, турски, српски, бугарски, грчки, словенечки, хрватски, влашки, бошњачки и ромски јазик.

– Јазици на кои поетуваме со векови. Јазици преку кои се преплетуваме и сплотуваме. Јазици преку кои песната ни е молитва, молитва за убав разден на Балканот и на светот, рече Николовска.

Поетите, како што рече, можат да го растолкуваат светот, да сотворат, да воскреснат, да залечат, да спречат лошо, да осмислат и да преосмислат.

– Растеме и се запознаваме низ балкански антологии, фестивали, настани, препеви, повеќејазични избори. Расте и поетскиот Балкан-низ нас, рече Николовска.

Свои стихови читаа Трајце Кацаров, Марта Марковска, Иван Антоновски, Владимир Мартиновски, Делвина Керлуку… Се читаа и стихови, во оригинал и во препев на македонски, на поетите Костас Асимакопулос (Грција), Алеш Штегер (Словенија), Сретен Перовиќ (Црна Гора), Садик Бејко (Албанија), Петар Караангов (Бугарија), Адам Пуслоиќ (Србија), Абдулах Сидран (Босна) и Анте Стамаќ (Хрватска), сите добитници на наградата „Книжевно жезло“.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска