Мал драмски театар-Битола на фестивал „Еџ Понто“ во Словенија

Од:

Мал драмски театар-Битола учествува на 20. јубилејно издание на меѓународниот театарски фестивал „Еџ Понто“, што од 1-ви до 9-ти септември се одржува во главниот словенечки град Љубљана.

На театарскиот фестивал освен актерите од Македонија, учествуваат и театри од Германија, Црна Гора, Унгарија, Франција, Косово, Словачка, Бугарија, Хрватска и домаќинот Словенија.

Основачот и менаџер на Мал драмски театар-Битола Благој Стефановски за МИА изјави дека попладнево во Љубљана ќе заседава и асоцијацијата НЕТА (Нова Европска Театарска Акција) чиј член е Мал драмски театар-Битола, а утревечер на сцената на мини-театар во градот домаќин, ќе биде изведена претставата „Столови“.

– На редовната Конференција на НЕТА ќе ги прецизираме детаљите околу големиот театарски фестивал на НЕТА што в година ќе се одржи во Букурешт, Романија. Програмата ќе се одвива во националниот романски театар кој е реновиран, со 20 нови сцени и со кој раководи поранешниот романски министер за култура Јон Карамитру. Нашиот престој во Љубљана ќе биде заокружен утревечер со настап во натпреварувачкиот дел на „ЕксПонто“ и изведба на претставата „Столови“ од Ежен Јонеско во режија на Љупчо Ѓоргиевски, изјави Стефановски.

Во претставата „Столови“ настапуваат Јоана Поповска и актерот од Бугарија Анастас Поп Димитров кои на враќање од Љубљана, на 6. септември ќе настапат во Шабац, Србија каде во тамошниот театар последен пат актери од Битола настапиле во далечната 1977 година со претставата „Свадбата на Мара“.

– Спомените за далечната 1977 година се вечни, бидејќи тогаш во театарот бев вклучен како актер. Во претставата „Свадбата на Мара“ првпат заедно настапивме четири членови, актери од нашето семејство, сега веќе починатите мојот татко Димче Стефановски, мојот прв братучед Иљко Стефановски и неговиот татко Ацо Стефановски, и секако други битолски актери со наградуваната претстава „Свадбата на Мара“, и тој податок дополнително возбудува, потврди Стефановски.

По Љубљана и Шабац, Мал драмски театар, претставата „Столови“ на 9-ти септември ќе ја изведе во Битола, а на 11-ти септември на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.

Би можело да ве интересира

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање