Под мотото „Украдени движења“, вечерва, со почеток во 21 часот, на отворената сцена во Домот на АРСМ почнува годинешното издание на фестивалот за современ танц, Танц Фест Скопје 2021.
-По седумнаесетти пат, публиката, љубителите на танцот и долгогодишните пријатели на фестивалот ќе имаат можност да проследат веќе традиционално квалитетна програма и богат репертоар со интернационално реномирани уметници, но и домашни кореографи и танчери, велат организаторите.
Фестивалот ќе го отвори танчерот и кореограф Жиган Крајнчан од Словенија, со неговиот најнов проект насловен „Fusion with myself”, во продукција на „Егзодус“, Љубљана, под водство на извршниот директор и продуцент Наташа Заволовшек и Борут Бучинел.
-Преку оваа изведба, Крајнчан на публиката ќе ѝ раскаже интимна приказна за потрагата по изворот на самата креација, почнувајќи од зборот „ништо“ и трагајќи по создавањето на идејата, звукот, движењето и мислата, објаснуваат од Танц Фест.
Веднаш по „Fusion with myself”, со почеток во 22 часот, ќе почне премиерата на „Не ми ги допирај очите“, на кореографката и танчерка Адријана Данчевска. Кореографијата ќе биде во изведба на Дејан Битровски и Данчевска, која покрај кореографијата и изведбата е задолжена и за костимите на претставата, додека музиката е на Artefakt и Гордан Спасовски трио.
-„Не ми ги допирај очите“ се поистоветува со човекот во Македонија, го слави животот, убавото во едноставното и гневот на постоењето. „Кога ќе ме снема, може повторно да ме заима“ – преку оваа претстава, Данчевска испраќа моќна порака, храбро задирајќи во подлабоките слоеви на општествената филозофија со идејата „следете политика и главите кон сонцето“, велат од Танц Фест.
На втората вечер на фестивалот, на 2 јуни, во 21 часот, во Домот на Армијата Скопје, посветена на студентите и дипломците при Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“, публиката ќе има можност да проследи две кореографии. „Погрешно“ на кореографот и асистент на катедрата, Адријана Данчевска, во изведба на Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Борис Богдановски, Викторија Коцева и Антонија Димитриевска.
-Потоа следи кореографијата „Јас сум, тука сум“ со која ќе дипломираат втората генерација студенти на Катедрата за современ танц при УГД Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Борис Богдановски под менторство на професорот Рисима Рисимкин, во соработка со стручниот соработник Анастасија Данчевска, информираат организаторите на фестивалот.
Годинешното издание на фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје, Амбасада на Кралство Холандија, Француски Институт Скопје, АРСМ, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Музеј на современа уметност, Француска Алијанса Тетово, НУЦК „Иљо Антески Смок“ Тетово, компаниите Бовин и Виталија, како и медиумските покровители радио Буба Мара, Сити Радио, Антена 5, Метрополис и Урбан ФМ.
Настанот ќе се одржи со безбедносните протоколи за заштита од Ковид-19.