Познатиот македонски сатиричар Миле Ѓорѓијоски стана член на Друштвото на писатели на Србија, како резултат на долгогодишната соработка со автори од оваа земја, а по иницијатива од српските сатиричари.
Како што изјави за МИА, тој е изненаден и почестен со оваа членска книшка од УКС.
– Ова е големо признание и чест, како за мене, така и за македонската сатира, која во последно време бележи сѐ повеќе успеси. Се надевам дека во иднина љубителите на сатирата ќе ги изненадиме со уште многу пријатни вести и со ште многу изданија, рече Ѓорѓијоски.
Миле Ѓоѓријоски е автор на дваесетина изданија од областа на хуморот и сатирата, од кои осум сопствени наслови, афоризми и сатирични приказни, а е коавтор и подготвувач и на првата балканска антологија на еротски афоризми „На врвот од вулканот“. Член на друштвото на писатели на Србија е и сатиричарот Васил Толевски.
Инаку, Ѓорѓијоски, заедно со карикатуристот Миро Ѓеоргиевски и афористичарот Марјан Ангеловски, деновиве престојуваат во Србија на хумористично-сатирична турнеја каде ќе се промовира македонскиот афоризам и карикатура. Турнејата е во организација на тетовското Здружение за култура и уметност„ Ило Антевски-Смок“.