Вечерва во Прага, во просториите на Споменикот на национална книжевност ќе се одржи Македонска литаратурна вечер, како дел од циклусот „Вечери на европската литература“ посветен на добитниците на Наградата за литература на ЕУ, јави дописникот на МИА.
Македонското претставување е организирано со поддршка на македонската Амбасада во Прага и Институтот за уметност, Музејот на национална литература и Канцеларијата на Европската комисија во Чешка.
Македонската вечер и припаѓа на современата македонска литература, а меѓу многубројните гости се и литературната историчарка и преведувачка Бранислава Кубешова и поетесата и преведувачка Јармила Стојчевска.
Во дискусијата, која е посветена на лауреатите на ЕУ наградите за литература преку видео-бим ќе се вклучи и македонскиот писател Гоце Смилевски, автор на познатиот роман ,„Сестрата на Зигмунд Фројд“, за која и е награден од Унијата.
Целта на наградата за литература на ЕУ е да се нагласи богатството на современите европски литературни дела и да се потенцира идејата дека книгите и литературата во културата и во взаемното запознавање заземаат значајно место.