Македонската опера и балет-МОБ вечер во големата сала на Битолскиот Центар за култура ќе го изведе современото балетско дело „14 ЧАСА“, инспирирано од дуетот „Нот тоо лосе“, на авторско-изведувачкото дуо Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили.
Во вечерашната балетска претстава освен Мијалкова и Чичијашвили ќе настапат и Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиеав, Дафина Данилоска, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Касилев и Агим Бафтии, кои низ сиџир од 12 сцени ќе ги презентираат женско-машките односи изразени преку ликовите на Лили и Марк, нивните пријатели, емоционалните проблеми и дилеми и трагиката на современиот брачен однос, во кој сепак на крајот ќе победи љубовта.
Музиката во овој балетски спектакл е на Кирил Џајковски, кореографија и сценографско идејно решение понуди Игор Киров, костимографијата е на Александар Ношпал, а режијата е на Наташа Поплавска.