Македонската литература на саемите на книга во Франкфурт и Истанбул и првпат во Гетеборг

Од:

Македонското книжевно творештво со поддршка на Министерството за култура годинава ќе биде претставено на меѓународните саеми на книгата во Франкфурт и во Истанбул, а од 25-ти до 28 септември првпат и на саемот во Гетеборг, кој  е најголем во Скандинавија. Комесар на  македонското претставување во шведскиот град ќе биде издавачката куќа „Македоника литера“.

– Република Македонија на 30-тото издание на Саемот во Гетеборг ќе биде претставена со мултикултурна програма, на простор од триесетина квадратни метри. Приоритетно место во претставувањето ќе имаат литературата и издаваштвото, но ќе бидат промовирани и културното наследство, историјата и културниот туризам на нашата држава. На македонскиот штанд ќе бидат презентирани дела од поновата издавачка продукција, дела од уметничката литература, монографски, историографски и друг вид научни дела, дела од македонската литература преведени на други јазици, дела од македонски автори преведени на шведски јазик и дела од шведски автори преведени на македонски јазик, соопшти Министерството за култура.

Специјално за саемот е подготвена брошура на англиски јазик, во која ќе бидат претставени 20 современи македонски автори. Со посебен печатен рекламен материјал на саемот ќе биде презентиран и афирмиран Конкурсот на Министерството за култура за субвенционирање странски издавачи за превод на квалитетни и репрезентативни дела од македонски автори. На македонскиот штанд ќе биде презентиран рекламен материјал за културните  и природните убавини, за културниот туризам на Република Македонија, а ќе се одржи и „Македонско пладне“.

– Во  соорганизација со Македонскиот сојуз во Шведска ќе бидат реализирани и повеќе промотивни средби и други активности. Од особено значење е и фактот што дел од книгите кои ќе бидат презентирани на Саемот ќе бидат подарени на Македонскиот сојуз во Шведска за оформување на Македонска библиотека во Гетеборг, а дел ќе бидат подарени на Градската библиотека од овој град во која има посебно одделение за книги на странски јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик, информира Министерството.

Саемот на книгата во Гетеборг е најголем во Скандинавија и е еден од најатрактивните саеми за издавачите и агентите за авторски права во светот, особено поради фактот што токму оваа држава ја доделува највисоката награда во оваа област – Нобеловата награда за книжевност.

Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт ќе се одржува од 8-ми до 12 октомври, а Република Македонија ќе ја претставува Здружението на издавачите и книжарите на Македонија од Скопје. Во рамки на претставувањето ќе биде издадена специјална публикација со избор и превод на кратки извадоци од творештвото на најзначајните македонски современи автори. И на тој саем ќе биде презентиран и промотивен материјал за Република Македонија за потемелно претставување на книжевноста, но и на македонската култура и културно наследство.

Со поддршка на Министерството за култура, од 8-ми до 16 ноември Република Македонија ќе биде претставена и на 33. Саем на книгата во Истанбул од Сојузот на албански издавачи преку  проектот  „Мултиетничка и европска Македонија“. Ќе бидат презентирани дела од најпознатите македонски и албански автори, како и дела на автори од другите националности кои живеат во Република Македонија.

Министерството за култура потсетува дека во изминатите години македонското литературно творештво редовно беше претставено на позначајните меѓународни саеми на книгата во Франкфурт, Софија, Москва, Лајпциг, Париз, Болоња, Тирана, Белград и Истанбул.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска