Македонската филхармонија утре и во петок ќе гостува во Гевгелија и во Струга, каде што под диригентската палка на Борјан Цанев ќе се претстави со симфониски концерти наменети за најмладите.
Оркестарот ќе настапи во Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија и во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга каде ќе ja изведe „Петре и волкот“, едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев.
Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. Наратор ќе биде актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.
– Гостувањето на Македонската филхармонија во Гевгелија и во Струга е дел од мисијата на нашата институција да влијае врз музичката едукација на младите и во другите градови во Македонија. Оваа практика ја почнавме одамна и ја продолжуваме и годинава, и освен забавна и уметничка, ваквите концерти имаат и образовна цел. Децата се среќни, доаѓаат на нашите концерти и тоа за нив претставува нешто ново, нешто интересно, а во истовреме и многу поучно, вели Маја Чанаќевиќ, директорка на Македонската филхармонија.