Македонската филхармонија вечер премиерно ќе ја изведе „Симфонијата на тажни песни“ или уште позната како Симфонија бр. 3 од современиот полски композитор Хенрик Миколај Горецки.
Филхармонијата ја најавува симфонијата како една од најубавите, но и најпопуларни на сите времиња. Солист е македонската оперска дива Ана Дурловски, а зад диригентскиот пулт повторно ќе застане врвниот маестро Емил Табаков од Бугарија.
„Симфонијата на тажни песни“ се смета за една од најдобрите симфонии на сите времиња, чија популарност ја стекна не само во сферата на класичната музика, туку и во поп-културата. Создадена е во 1976 година, а според полската агенција ПАП снимката (плочата) е продадена во повеќе од милион примероци.
– Ова дело своевремено стана најпродаваното издание на некој современ композитор. Симфонијата е инспирирана од темите на војната и разделбите, од нацистичките логори за време на Втората светска војна. Изведена е по повод комеморацијата на холокаустот во 1992 година со Лондонскиот симфониски оркестар, под палката на Давид Цинман и сопранот Даун Апшоу, кога доживеа фантастичен успех на сите листи во САД и во Велика Британија, а бројот на продадени ЦД-а ја премина бројката од еден милион, наведува Македонската филхармонија.
Ниту еден класичен композитор не достигнал таква комерцијалност како Горецки со ова дело. Тој е водечка фигура на полската авангарада за време на постсталинизмот. Под влијание на Веберн, на почетокот ги создавал своите дела во серијална техника, а потоа под влијание на Луиџи Ноно, Карлхајнц Штокхаузен и Кшиштоф Пендерецки го проучува т.н. дисонантен модернизам. Потоа се фокусира на духовниот минималистички звук кој го најавува во Симфонија бр. 2 и го заокружува во Симфонија бр. 3. Негови познати дела се и „Беатус Вир“, химната „Мизерере“, „Мал реквием за една Полка“ или реквиемот „Добра Ноќ“…