Македонската филхармонија во периодот од 28 октомври до 2 ноември ќе биде на турнеја во шпанските градови Сарагоса и Хуеска. На 30 октомври филхармонијата ќе одржи концерт во салата „Моцарт“ во Аудиториумот во Сарагоса, додека на 1 ноември ќе настапи во Конгресната палата во Хуеска.
Оркестарот на Македонската филхармонија на оваа турнеја ќе биде предводен од истакнатиот шпански диригент, маестро Рикардо Касеро, кој минатата концертна сезона за првпат гостуваше во Скопје кога го диригираше концертот „Шпанија во срцето“.
На двата концерти во рамките на турнејата како солист ќе се претстави нашиот и светски виртуоз на виолината – Ѓорѓи Димчевски.
Овој уметник моментно е концерт-мајстор на Националниот оркестар на Шпанија, а од 2007 година, е концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија предводен од славниот Лорин Мазел.
Пред шпанската публика, Македонската филхармонија ќе изведе дела од Едгар Лало (Шпанска симфонија оп. 21 за виолина и оркестар) и Михаил Глинка (Шпанска увертира бр. 1).
Овој настан е од голема важност за промоција на Македонската филхармонија, но и на македонската култура воопшто, посочуваат од Македонската филхармонија.