Македонската филхармонија, Феми Кути и Емин Џијан со концерт во Белград

Од:

Оркестарот на Македонската филхармонија, заедно со африканската ѕвезда Феми Кути и Емин Џијан како диригент, на 13 септември (20 ч.) ќе одржат концерт во Белград на отворено, во прекрасниот амбиент на Калемегдан. Овој грандиозен проект премиерно беше одржан во Скопје под името „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк на 7 јуни, пред околу 15 илјади посетители.

Нигерискиот музички уметник, принцот на „афробитот“ и достојниот наследник на неговиот татко, култниот Феми Кути, повторно настапува во Белград со неговиот бенд „Позитив форс“, но за белградската публика, како и за светската публика е новитет неговата соработка со симфониски оркестар, за чии аранжмани на композициите се погрижи Емин Џијан. И на концертот во Белград ќе бидат изведени најголемите хитови на Феми Кути кои се наоѓаат на сите десет негови објавени албуми, од кои четири беа номинирани за престижната награда „Греми“.

„Првпат работам со симфониски оркестар, а секогаш сум сонувал за тоа“, рече Феми Кути на прес-конференцијата која се одржа пред неговиот настап во Скопје. „Ова е навистина огромен проект, а соработката со Емин Џијан се одвиваше навистина добро.“

Предгрупа на Феми Кути и Македонската филхармонија, ќе биде белградскиот состав „Igor Vince & His Drum, Brass And Keys“, чија музика е фузија од реге, фанк, латино, афробит и соул. Перкусионистот Игор Винце е всушност долгогодишен член на бендот на Феми Кути – „Позитив форс“.

Инаку, со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, во своите песни Феми Кути зборува за политичката корупција, сиромаштијатата, лошите животни услови во родната Нигерија, како и во светот, диктаторскиот режим…

Неговата музика се занимава со политичкиот и социјалниот аспект на живеење, со општествениот ангажман, носи силни пораки и токму тие се врзивната точка меѓу него и неговиот татко. Феми Кути всушност, ја следи сличната филозофија на она што го втемели Фела Кути и затоа неговата музика инспирира, и има за цел да го промени и да го мотивира африканскиот народ.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска