„Македоника литера“ го објави утопискиот роман „Нејзинија“ кој американската писателка Шарлот Перкинс Гилман (1860-1935) го напишала во 1915 година.
– Ова дело извршило силно влијание врз авторките на феминистичката научна фантастика, како и врз идеолозите на феминизмот и лезбискиот сепаратизам во шеесеттите и осумдесеттите години на 20 век. Во романот е опишано изолирано општество во кое живеат исклучиво жени коишто се размножуваат преку партеногенеза (асексуална репродукција). Резултатот од ова е идеален општествен поредок: нема војни, нема конфликти, нема доминација. Мајчинството е најголемата светост за жените од оваа земја и е центарот околу кој се врти нивниот свет, соопшти издавачот.
Приказната во „Нејзинија“ ја раскажува Ван Џенингс, студент на социологија, кој заедно со двајца свои пријатели тргнува во експедиција да истражи дотогаш непозната територија во Јужна Америка за која се верува дека е населена исклучиво со жени. Соочен со очигледната утопија што овие жени успеале да ја создадат, Ван често се наоѓа во ситуација кога не може да го оправда однесувањето на луѓето во неговата земја – како што е, на пример, молзењето на кравите, чувањето кучиња како миленици, абортусот.
– Во ова дело особено до израз доаѓа способноста на авторката да зборува од аспект на спротивниот пол, нешто што е исклучително сложено и посебно се вреднува во литературата. Главниот лик, иако маж, има особена наклонетост кон жените и длабоко ги почитува, што на повеќе места придонесува за разигрувањето на дејството и забрзување на темпото на настаните. Гилман во „Нејзинија“ создава земја што според многу нешта потсетува на Платоновата Република, односно на Утопија на Томас Ман, соопшти „Македоника литера“ за книгата „Нејзинија“, која е преведена на многу јазици.
„Нејзинија“ е прво дело на Шарлот Перкинс Гилман објавено во превод на македонски јазик. Од англиски го преведе Драгана Велковска.