Македонија првпат на Саемот на книгата во Гетеборг

Од:

Во Гетеборг денеска почна меѓународниот јубилеен, 30-ти Саем на книгата, најголема книжевна манифестација од таков вид во Скандинавија, кој ќе трае до 28 септември, а во чија програма првпат со свој штанд се претставува и Република Македонија, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Овој саем е најголем според посетеност во скандинавските земји, со околу 100.000 посетители, и втор по франкфуртскиот во Европа. На него се промовираат национални литератури и се нудат автори од целиот свет, а во фокусот се авторските права.

Годинашната книжевна саемска манифестација во Гетеборг е една од најинтернационалните досега. Меѓу 400 семинари, колку што се планирани во четиридневната програма, ќе учествуваат 66 автори од воннордиски земји, посебно од централната земја во годинашната програма – Бразил, како и писатели во специјалниот програмски сегмент „Гласови од Каталонија“.

За одбележување е дека Македонија и Романија се единствени земји од Југостична Европа кои годинава со свои штандови се претставуваат во Гетеборг.

Во рамки на програмата на македонскиот штанд, зад која стојат „Македоника литера“ и Министерството за култура, в петок во 15 часот ќе се одржи поетско читање на кое, меѓу другите, ќе настапат познатите шведски поети Ласе Содерберг и Кенет Клеметс.

„Македонско пладне“, в сабота во 12 часот, кое ќе содржи поетска средба, изложување дела од македонски автори преведени на шведски јазик и дела од шведската литература преведени на македонски, промоција на понови изданија, но и на 130 тома македонска книжевност, претставување на најквалитетната и најрепрезентативната понова македонска издавачка продукција, дела од уметничката литература, монографски, научни, историски и културни вредности, како и на културното наследство, се исто така дел од планираните активности за промовирање на Македонија.

Изготвен е и специјален каталог во кој се претставени 20 современи писатели од Македонија. Од нив четворица, Луан Старова, Венко Андоновски, Лидија Димковска и Ивица Челиковиќ, се присутни на Саемот.

– Станува збор за избор на прозаисти кои се истакнуваат со својот творечки интензитет и квалитет во најновата македонска книжевна продукција, посебно во 21 век. Првенствено се застапени романсиери, активни автори, посочува Нове Цветаноски од „Македоника литера“, која ја предводи македонската делегација на Саемот.

Најавени се десетина еминентни шведски писатели и претставници на издавачки куќи кои ќе го посетат македонскиот штанд при што во текот на четирите саемски денови се предвидени низа средби.

По завршувањето на Саемот, дел од книгите што ги донесе македонската делегација ќе им бидат отстапени на македонското друштво „Гоце Делчев“, кое има своја мала библиотека, како и на Градската библиотека во Гетеборг која во изминатите неколку години го збогатуваше својот фонд на изданија од Македонија, меѓу другото и преку соработката со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска