Презентација на Македонија се одржа денеска во Италија по повод учеството на земјата на Меѓународниот филмски фестивал за деца и млади Џифони Експириенс.
Како што соопшти Филмскиот фонд на Македонија, на денешната прес-конференција посветена на презентацијата на Македонија, присуствуваа Клаудио Губитози, директор на Џифони Експириенс и Катерина Мираљиа од италијанското Министерство за култура.
Мираљиа изјави дека е многу задоволна од воспоставената соработка помеѓу двете земји и изрази надеж за успешна соработка помеѓу Филмскиот фонд на РМ и Џифони Експириенс.
Директорот на овој реномиран италијански фестивал Губитози, пак, изрази задоволство што во организацијата на фестивалот Џифони Македонија се вклучени повеќе институции како Министерството за култура, Филмскиот фонд на Македонија, Градот Скопје, Кинотеката на РМ и Младинскиот културен центар. Тој напомена дека со Кинотеката на Република Македонија веќе е воспоставена одредена соработка во доменот на размена на искуства, односно дека искуството на македонската Кинотека може многу да придонесе во создавање архива за заштита на филмовите кои што се прикажувале изминатите четириесетина години на овој фестивал.
Дарко Башески, директорот на Филмскиот фонд на Република Македонија, се заблагодари за можноста дадена од страна на Џифони фестивалот Македонија да биде дел од „Giffoni World Alliance“.
Во македонската делегација беа и Мими Ѓоргоска Илиевска, директор на Кинотека на Македонија, Елена Величковска, извршен директор на Џифони Експириенс и Иво Антов, уметничкиот директор на Џифони Македонија.
Македонија денеска ќе се претстави во манастирот Ди Сан Франческо – Џифони Вале Пиана, преку изложба подготвена во соработка со фото клубот „Елема“, а со дегустација на македонските производи посетителите и гостите на фестивалот ќе имаат можност да ги вкусат автентичните производи од земјата.
Преставувањето на Македонија ќе биде заокружено со концерт на македонската група Фолтин вечер во 21:45 часот во Џифони Вале Пиана Стадио Комунале (Троиси), во рамки на музичката програма на Меѓународниот филмски фестивал за деца и млади Џифони Експириенс.