Македонија на филмскиот маркет во Кан

Од:

На Филмскиот маркет во склоп на 67-миот Кански филмски фестивал, кој се одржува од денеска до 22 мај, Македонија ќе ги претстави двата најнови филма – „До балчак“ на Столе Попов и „Деца на сонцето“ на Антонио Митрикески. Проекциите ќе бидат на 20 мај, во 10 и во 18 часот, соопшти Агенцијата за филм на РМ.

Македонија и оваа година има штанд на маркетот во рамки на павилјонот на Југоисточна Европа, кој се наоѓа помеѓу Фестивалската палата и Авенијата на палмите. Во павилјонот на ЈИЕ попладнево ќе се одржи македонска забава, на која се поканети професионалци од областа на филмската индустрија (селектори на фестивали, директори на филмски маркети, дистрибутери, продуценти, селс-агенти) за да се запознаат со македонската кинематографија.

– На маркетот ќе ги презентираме најновите филмови од македонската кинематографија, можностите кои Агенцијата ги нуди за копродуцирање со странски држави, како и презентација на Македонија како дестинација за снимање филмови и поттикнувањата кои со новиот Закон за филмската дејност ќе бидат овозможени за домашни и странски продукциски компании кои ќе реализираат филмски, односно телевизиски проекти во Македонија, соопшти Агенцијата за филм.

Филмот „Жената која ги избриша своите солзи“ на Теона Митевска на 17 мај ќе го отвори фестивалот „Visions Sociales“, кој е партнер на Канскиот фестивал и повеќе од десет години има престижна програма составена од општествено ангажирани филмови, дебати и разговори.

Македонски претставник во „Продуценти во движење“ (Producers on the move), иницијатива на European Film Promotion, оваа година е Огнен Антов од продуцентската куќа „Дрим фектори“. „Продуценти во движење“ е годишна средба за остварување контакти со филмски професионалци и можна копродукциска соработка на актуелни проекти.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање