Македонија и Србија ќе ја интензивираат соработката во културата

Од:

Соработката во областа на културата меѓу Македонија и Србија е на високо ниво, а со идните активности би се продлабочиле културните врски, оценија денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и српскиот министер за култура и информирање Иван Тасовац.

Министерката Канческа-Милевска по средбата изјави дека во изминатиот период реализирале повеќе заеднички културни проекти.

– Преку Годишната програма гледаме да поддржиме што повеќе и наши институции со проекти кои се претставуваат во Србија и индивидуални проекти на уметници и да дадеме што повеќе средства за српската заедница во Македонија, рече Канческа-Милевска.

Таа посочи дека Македонската опера и балет има копродукција со операта во Белград, а Македонскиот народен театар гостуваше со неколку претстави во Србија.

– На првиот меѓународен фестивал во новиот објект на МНТ имавме можност да ја видиме претставата „Пратеник“ на Народно позориште Београд. Соработката продолжува и во сите останати дејности. Го запознав министерот и во делот на филмската дејност. Досега имаме реализирано и неколку копродукции со филмови кои се поддржани од едната и од другата страна. Ќе ги спомнам македонските филмови „Панкот не е мртов“ и „Скопје Ремикс“, како и српските филмски остварувања „Парада“, „Споменик за Мајкл Џексон“ и други, истакна Канческа-Милевска.

Нагласи дека со Тасовац разговарале и за културното наследство.

– Македонија е земја со богато културно наследство и навистина се грижиме во делот на почитувањето на културното наследство на сите заедници кои живеат во Македонија. Ме радува што беше реставриран споменикот на Зебрењак, каде што имавме можност да направиме поголема промоција. Продолжуваме со заштитата на културното наследство во тој дел. Дадов едно известување околу сите инвестиции во културата, во делот на инфраструктурата, потенцира Канческа-Милевска.

Разговаравме, посочи таа, и за новата програма за културна соработка која треба да се потпише, каде ќе дадеме еден посебен акцент на таа институционална соработка.

– Со министерот ќе се обидеме да воспоставиме поплодна соработка и од идната година да имаме голем број наши заеднички проекти со кои би се вклучиле и во новата програма на Европската унија „Креативна Европа“ која ќе биде потпишана од страна на Србија и Македонија. Разговаравме за унапредување на соработката и во делот на современата уметност, каде ќе имаме можност да размениме некои изложби, додаде Канческа Милевска.

Министерот Тасовац се заблагодари за помошта која Македонија и ја даде на Србија, која беше зафатена со поплави.

– Соработката навистина е многу богата, но отворивме визија каде можеме да ја направиме од една страна повидлива и да ја унапредиме. Многу е важна институционалната соработка во прв план и ќе работиме на потпишување нов договор. Ние минатата недела во Брисел го потпишавме официјалното пристапување кон „Креативна Европа“. Од 30 јуни во Белград ќе почне конференција на која ќе има стручњаци од цела Европа и ќе стане збор за начините како можат да аплицираат земјите кои пристапија кон „Креативна Европа“. Македонските стручњаци ќе бидат добродојдени, рече Тасовац.

Српскиот министер за култура и информирање ќе учествува на министерската конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, која од утре почнува да се реализира во Охрид. Конференцијата е посветена на културата во рамки на еден одржлив развој и на неа ќе учествуваат министрите за култура на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Молдавија, Србија, Црна Гора и заменик-министер за култура на Бугарија.

– Ќе имаме можност да поразговараме за еден интегриран и интегрален пристап во делот на унапредувањето и менаџирањето на културата и културното наследство, нагласи Канческа-Милевска.

Таа на нејзиниот српски колега му ја подари книгата „Чудесна Македонија“.

Би можело да ве интересира

„Недостиг“, нов роман од Симеон Јанков

„Лиминални простори-лиминални тела“ – проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс во Охрид

Доаѓа документарен филм за Елтон Џон: „Приказната што досега не била раскажана“

Предраг Петровиќ

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“