Песните на тројца македонски поети се дел од антологијата на европската поезија „Атлас на европската лирика“, која ја објави Друштвото на писатели на Босна и Херцеговина.
Во Антологијата, која на 500 страници донесува поезија на 66 поети од 12 европски држави чии малцинства живеат на територијата на Босна и Херцеговина, се претставени песните на Радован Павловски, Ефтим Клетников и Лидија Димковска во препев на српски на Петар Кепески, Душко Новаковиќ и Ристо Василевски.
Освен македонската, во антологијата се застапени и поезиите на Црна Гора, Чешка, Италија, Израел, Унгарија, Германија, Полска, Словенија, Словачка, Украина како и поезијата на Ромите. На промоцијата што неодамна се одржа во Културниот центар на Бања Лука како претставник од Македонија учествуваше Лидија Димковска.
Антологијата ја подготвија и уредија проф. Миљко Шиндиќ и поетот Здравко Кецман. Во антологијата се застапени, според предговорот на проф. Миљко Шиндиќ, најзначајните претставници на националните поетски генерации.