Најновата книга од Димитар Башевски, збирката раскази под наслов „Мајсторот“, неодамна излезе од печат во издание на издавачката куќа „Магор“ од Скопје.
По повеќе од десетина романи и пет книги поезија, Башевски првпат се претставува со книга раскази, настанати во последните две години. Книгата зборува за љубовта и страста, за потребата луѓето да сонуваат и на тој начин да ги надминат ограничувањата на сопствената егзистенција, за обидите да им се даде ново значење на еднаш изгубените нешта. Карактеристика на оваа книга, покрај познатиот стил и јазик на овој автор, е користењето на хуморот и иронијата како важни елементи во раскажувачката постапка.
Книгите на Башевски се објавувани во повеќе изданија во земјата, а се преведувани и објавувани на англиски, грчки, чешки, романски, српски, црногорски, турски и албански.