Литературата за деца и млади од македонски автори ќе добие антологија

Од:

„Антологија на македонската литература за млади и деца“ е насловен новиот проект на Министерството за култура, кој ќе ги обедини на едно место најзначајните поетски и прозни книжевни форми што во изминатиот период имаа големо влијание врз развојот на целокупната македонска литература за деца и млади.

Проектот денеска го промовираше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамките на Саемот на книгата.

Едицијата, информира, ќе содржи триесет томови и во неа ќе бидат застапени книги со кои сме растеле сите ние, како што се: „Белото циганче“, „Силјан штркот“, „Зоки Поки“, „Големи и мали“, „Втората смена“, „Волшебното самарче“ и многу други.

– „Антологијата на македонската литература за млади и деца“, во тематска и содржинска смисла, ќе ја потврди важноста на литературата за деца која, иако навидум едноставна, е една од најкомплексните форми на книжевно творештво. Проектот ќе има исклучително значајна културолошка и воспитно-образовна функција и која верувам дека ќе биде многу позитивно прифатена и од авторите на овој вид литература и од читателската јавност, истакна Канческа-Милевска.

Во едицијата ќе бидат застапени и две хрестоматии во кои ќе биде направен селективен избор на највредните остварувања на плејадата македонски писатели за деца од сите генерации кои не се претставени во останатите томови како Глигор Прличев, Волче Наумчевски, Лазо Каровски, Науме Попевски, Васил Пујовски, Јован Стрезовски, Христо Петревски…

Иницијативата за изработка на Антологија, додаде министерката, произлегла од македонските автори што се занимаваат со детсак литература.

– Уверена сум дека овој проект, кој ќе има повеќекратна и повеќеслојна корист, како за детската читателска публика така и за учениците во основните и во средните училишта, но и за студентите, постдипломците и докторантите на отсекот литература, е остварување на желбите на авторите кои целиот свој творечки живот го посветија на создавањето на овој вид литература, рече Канческа-Милевска.

На годинашниот конкурс биле доставени голем број квалитетни проекти, што било причина за 100-процентно зголемување на средствата во споредба со претходната година, односно поддржани се 50 проекти за детско творештво.

– Сакам да го изразам моето уверување дека Министерството за култура и во иднина ќе продолжи со реализацијата на проектите кои ќе го стимулираат и ќе го збогатат домашното детско авторско творештво. Ваквите проекти се најдобрата инвестиција во иднината на нашето општество и ние мораме да направиме повеќе за младите генерации, да создаваме здрави, совесни и умни генерации, нагчаси министерката.

Таа информира дека ќе биде распишан посебен конкурс за идејно решение за корицата и изгледот на Антологијата.

Весна Мојсова-Чепишевска, член стручната редакција на проектот изрази задоволство што макединските автори што пишуваат за деца и млади ќе се вдомат во еден ваков проект.

– Сакаме проектот да има убаво визуелно решение, бидејќи денешните деца се вљубуваат прво на поглед преку окото и книгата треба да ги привлече. Ако не посветиме внимание на децата како читатели тогаш неможе да очекуваме да имаме и возрасни читатели, рече Мојсова-Чепишевска.

Според авторот Стојан Тарапуза, на македонската лиуетратура за деца и млади и се случува нешто, убаво, ретко и значајно.

– Државата мисли и на нас писателите за деца и за нашите читатели, децата, па и за целиот народ, затоа што литературата за деца создава читатели и за возрасната литература. Детето се формира на база на читање и од нас зависи што ќе им дадеме, истакна Тарапуза.

Ова е значаен проект и за авторката Оливера Николова и независно во кој период литературата за деца треба да биде поддржувана и постојано да доживува нова афирмација.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска