Во Љубанци денеска ќе започне со работа петтата ликовна колонија „Љубанци 2015“ на која ќе учествуваат околу дваесет ликовни творци од земјава и од странство.
Од домашните ликовни уметници учество ќе земат Данчо Ордев, Илија Богоевски, Драги Најденовски, Владимир Лазоски, Билјана Цветкоска, Џејљан Реџепи, Орце Гогов и др, а по втор пат ќе учествуваат и автори од Србија и Бугарија.
За една недела, колку што ќе работи колонијата, ќе бидат создадени околу триесетина уметнички слики, главно со мотиви од старата љубанска архитектура и убавините на Скопска Црна Гора.
И годинава, неколку уметници ќе работат скулптури во дрво.
В среда ќе се одржи и детскиот ликовен ден, кога дваесеттина најталентирани ученици од основните училишта во општина Бутел, ќе се дружат и ќе творат заедно со познатите творци и ликовни педагози.
Организатор на колонијата, која ќе работи до 19 јуни е општина Бутел во соработка со Здружението на ликовни педагози на Град Скопје.