Советот на општина Куманово на 40-тата седница донесе одлука со која Спомен куќата на народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош, се доделува на управување на НУ Музеј Куманово.
– За да се надминат техничките и законските формалности, Советот донесе одлука за давање на недвижна ствар – Спомен куќа на народниот херој на НУ Музеј, иако општина Куманово никогаш, фактички и формално не управувала со овој објект, со кој отсекогаш управувало ресорното министерство, изјави денеска претседателот на Советот, Максим Димитриевски. Тој се надева дека со оваа одлука ќе се создадат услови, со кои спомен куќата ќе биде постојано отворена за посетители.
Директорката на НУ Музеј, Анита Цветановска, денеска информира дека веќе е подготвен проект со елаборат, кој што влегува во програмата на Министертвото за култура за 2016-та година.
– Со ова се предвидени средства со кои ќе се направи нова постојана поставка и предвидено е комплетно уредување на спомен куќата, изјави Цветановска.Таа додава дека проектот има особено значење и оти преку новата поставка и уредувањето на Спомен куќата на народниот херој, ќе се привлечат поголем број посетители не само од Куманово, туку и од целата држава.
Спомен куќата на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош е лоцирана на кракот на улицата „Х.Т.Карпош“ и „Први мај“.