Националната установа, Центар за култура „Трајко Прокопиев“ објави конкурс за учество во проектот „Скици 2017“, кој го организира Центарот со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, информираа денеска надлежните од установата. Целта на проектот е да се промовира цртежот кој го изработуваат академските уметници од Куманово.
– На конкурсот може да учествуваат сите академски уметници кои работат на територијата на Општина Куманово со најмногу три цртежи. Организаторот по направената селекција не е обврзан да ги вклучи сите кои што конкурираат во изложбата. Изложбата не е тематска, а исто така слободен е и изборот на техниката во која ќе се изработуваат цртежите. Ограничен е само форматот, изјави директорот на кумановскиот Центар за култура, Роберт Цветковски.
По извршената селекција, Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во втората половина од септември ќе организира изложба, која ќе биде пропратена со каталог, опремување на цртежите со рамки, договор за гостување во три галерии во Македонија. По завршениот циклус на претставување на цртежите, тие ќе бидат вратени на авторите.
Рокот за пријавување е отворен до 12 септември годинава, а сите заинтересирани можат да се информираат за дополнителни податоци во Центарот за култура.