Романот на познатиот белградски писател Филип Давид, „Куќа на сеќавањата и заборавот“, само еден и пол месец откако ја доби престижната награда на неделникот „НИН“ за роман на годината, се појави на македонски јазик.
Издавач на овој роман е „Везилка 2011“, а преводот на македонски јазик го направи писателот Ристо Лазаров, кој е автор и на поговорот.
Романот „Куќа на сеќавањата и заборавот“ веќе се преведува и ќе биде објавен во сите поранени југословенски центри, а најавен е и превод на повеќе од десетина јазици во светот. Во Белград романот предизвика огромен интерес и доживеа извонреден успех и четири изданија со вкупен тираж поголем од 50.000 примероци.
„Куќа на сеќавањата и заборавот“ e одличен роман, напишан едноставно и говори за трагичната судбина на Евреите и за мрачните времиња на холокаустот, концентрационите логори, нацизмот и за фашизмот, низ потресните приказни кои, маестрално компонирани, затвораат еден круг на злото. Романот е, всушност, литературно сведоштво за мрачните времиња и за злото.
„Kуќа на сеќавањата и заборавот“, како што забележува во поговорот Ристо Лазаров, конечно го ситуира Филип Давид таму каде што му е местото, меѓу добитниците на престижната награда на „НИН“, веднаш до неговите најдобри другари и браќа по перо – Данило Киш, Борислав Пекиќ и Мирко Ковач. Сo тоа уверливо се потврди постоењето на големата четворка во поранешната југословенска литература: Киш, Ковач, Пекиќ и Давид.