Младите пијанисти од основното општинско училиште”Јоаким Крчовски” од Крива Паланка остварија високи достигнувања на вториот интернационален натпревар „Пијанофест 2020“, Битола.
„Пијанофест“ годинава брои 148 натпреварувачи од 19 држави од светот: Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Германија, Италија, Малта, Литванија, Црна Гора, Молдавија, Белорусија, Хрватска, Израел, САД, Романија, Словенија, Јужна Кореја и Косово, меѓу кои учествуваа шест пијанисти од Крива Паланка под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски.
– Шестмината ученици кои работат повеќе години на нивно усовршување на талентот за музика, се абмбициозни и вредни, за што говорат и нивните резултати. Но морам да нагласам дека сум горда на нив и исклучително задоволна што и во услови на пандемија кога сме на далечина и не сме во можност класично да ја реализираме наставата по музичко, со нижите одделенија се работи комбинирано, додека поголемите работат од далечина, сепак, работат дисциплинирано и посветено и постигнуваат резултати. На овој фестивал учествуваме вторпат, а годинава имаме три први места во предкатегорија за Меглена и Матеј Георгиеви и Дарија Пешовска, додека трета награда во прва т.е. втора категорија за Горјан Николовски, Сара Стојановска и Теодор Смиљков, изјави професорката Жулина-Митовски.
Натпреварот го организира здружението „Пијано”, чии основачи се пијанистките од Битола Јана Четелева Белевска и Марија Шамоска Буџаковски.
Поради Ковид-19 пандемијата натпреварот се одржа онлајн, а натпреварувачите ги оценуваше жири- комисија во состав: Даница Стојанова и Милица Шкариќ, Македонија, Петар Младеновиќ, Србија и Маргарита Вујовиќ, Русија.