Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО распишаа конкурс за интернационалната награда „Мостови на Струга 2019“ за најдобра дебитантска книга од млад светски автор. На конкурсот може да учествуваат дебитантски книги на поети под 35 години.
-Кандидатите треба да испратат три копии од книгата со која конкурираат и најмалку пет песни преведени на англиски јазик на адресата на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Македонија) преку имеил [email protected] или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки, најдоцна до 1 март, соопшти НУ Струшки вечери на поезијата.
Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување книга на поетот-лауреат во превод на македонски јазик. Добитникот ќе биде поканет да учествува и на годинашното издание на Фестивалот, што ќе се одржи од 21 до 27 август, а наградата ќе му биде врачена на манифестацијата „Мостови“.
Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година како дел од интензивната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата 21 март, со цел и на овој начин да се поттикне, промовира и афирмира поетското творештво, како еден од најзначајните творечки духовни изрази на човештвото. Традиционално, на Светскиот ден на поезијата, СВП ќе ги соопшти добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.
Досегашни добитници на наградата биле: Ангело В. Суарез (Филипини) 2004, Андреа Коте (Колумбија ) 2005, Маријана Гејде (Руска Федерација) 2006, Мануа Риме (Белгија) 2007, Антонија Новаковиќ (Хрватска) 2008, Усман Сарус (Сенегал) 2009, Сим Кера (Естонија) 2010, Хироши Таниучи (Јапонија) 2011, Франсоа-Ксавиер Мегр (Франција) 2012, Николина Андова Шопова (Македонија) 2013, Хари Ман (Велика Британија) 2014, Паула Бозалонго (Шпанија) 2015, Руна Светликова (Белгија) 2016 година, Горан Чолакхоџиќ (Хрватска) 2017 година и Паули Тапио (Финска) за 2018 година.