„Златна лира – 2016“ е насловен концертот на Наташа Михајлова, сопран, и Елена Атанасовска Ивановска, пијано, што вечер ќе се одржи во Музеј на град Скопје. На програмата се дела од Рахнмањинов, Зографски, Скаловски, Властимир Николовски, Ј. Андреевска, Љ.Бранѓолица.
Наташа Михајлова е млад и надежен музички уметник, претставник од помладата генерација македонски соло-пејачи. Член е на професионалниот хор „Про Арс“ при СОКОМ, како и член на оперскиот хор при МОБ. Основното музичко образование го завршила во ДМУ „Тодор Скаловски –Тетоец“ – Тетово, а средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ – Скопје. Паралелно посетува часови по соло-пеење. Во 2013-та, Михајлова дипломира со највисока оценка Cum Laude на „Факултетот за Музичка Уметност“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, отсек соло-пеење, класа на проф. Горан Начевски. Во 2016 година завршила постипломски студии кај истиот професор.
Елена Атанасовска Ивановска е една од најафирмираните пијанисти во Македонија, која активно учествува во музичкиот живот во земјава, но и надвор од неа. Основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф.Лепа Мрмевска. Дипломира со највисока оцена Cum Laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов. Во 2005 година завршува постдипломски студии во класата на истиот професор.