Реномираниот македонски пијанист Дино Имери утре во Музејот на македонската борба ќе одржи концерт насловен „Концерт во изолација“.
Концертот ќе се одвива во салата на музејот, а публиката ќе може да го проследи преку фејсбук профилот на Музејот. Имери ќе изведе дела од Бетовен, Брамс, Дебиси, Рахмањинов и друго.
Имери (1990) еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршката филхармонија, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерен оркестар на ФМУ, Националната Опера и Балет, Камерниот оркестар на Музичката Младина на Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ Европа меѓу кои „Ватрослав Лисински“ -Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж Фестивал“ во Франција, фестивалот Охридско Лето, Скопско Лето, Интерфест – Битола и др.
Добитник е на голем број награди и признанија, а бележи и бројни домашни и меѓународни дискографски изданија.Од декември 2018 година се стекнува со звање доцент и предава повеќе предмети на Факултетот за музичка уметност во Скопје.